За "Мој Роден Крај"

МАКЕДОНИЈА, земја на блескави езера, на високи планински врвови и од сонце осветлени висорамнини, земја на затскриени водопади, села во клисури, цркви и манастири, чиниш како на карпи излиени...

Нашата татковина.

Ова е проект, кој низ слики раскажува за сите градови, села, цркви, манастири, џамии, планини, водопади, долини... ДА, ова е проект за небесните убавини сокриени на нашето поднебје, нашето парче земја, народот кој овде живеел, неговиот идентитет, културата и верувањата кои се пренеле од колено на колено...

За едноставната убавина која љуби, а не бара ништо за возврат. Недопрената природа и сознанието дека таа може секој пат, повторно и повторно да Ве изненади, никогаш да не Ви здосади, да Ве прегрне кога сте најосамени, па дури и да Ве стопли во најладните зимски денови.

На оваа web страница, на едно место, ќе ги најдете сите населени и раселени места. Можеби ќе го најдете местото каде се родиле Вашите предци, некој скриен спомен од Вашето детство или во најмала рака, ако ништо друго, со сигурност ќе пронајдете некоја дестинација за Вашето следно патување, патување на кое можеби ќе ме сретнете и мене... таму, во срцето на Македонија.



За Meне

Сè има свој почеток...

Изминатите години минав многу денови ширум нашата татковина. Ја искусив вистинската и ретка вредност на недопрената природа, оние моменти кога сам себе си не можеш да си веруваш, дали она што го гледаш пред себе е привидение или јаве, вистина или сон, реалност или имагинација...

Дел од тие мигови ги овековечив преку објективот на мојот фотоапарат, уште една љубов, која ја наследив од мојот татко, покрај таа кон надворешниот свет, кон природата, бидејќи тој е човекот кој не поведе мене и мојата сестра, уште од мали нозе, да ги осознаваме убавините кои ни ги нуди нашата татковина.

Пропешачив многу, стекнав искрени пријателства, запознав љубезни луѓе, кои секогаш имаа по некоја убава приказна од „стари крај“ и по некое сеќавање во кое бликаше љубов.

Дојде време да ја возвратам таа љубов.

Ова е место, во кое со Вас ќе го споделам неописливиот мир кој може да се почувствува под небесниот свод, додека го дишете она парче живот кое го дишеле Вашите предци. Ова е страница во која ќе ја препознаеме нашата љубопитна природа и испитувајќи го секој дел од ова поднебје, ќе проникнеме длабоко во себе. Во потрага по сопствениот мир, во потрага по сопствените корени, во потрага по неоткриените предели...

Ова е страница за сите нас. Повелете!