Ивањевци
Првиот жител што се доселил во селото се викал Иван. И по неговото име селото го добило името Ивањевци. Во пишаните извори, селото за прв пат се споменува во 1337 година, како Иваници, кога кралот Стефан Душан го приложил на манастирот Трескавец. Изгледа дека тоа е денешното село Ивањевци. Друго пишано споменување на селото – како Ивановци, се среќава во периодот меѓу 1650 и 1750 година во 18 век.
Населбата се наоѓа на крајниот северен дел на Битолско Поле. Според конфигурацијата селото е рамничарско, сместено на 635 м надморска височина. Од Могила е оддалечено 16 км., а од Битола 24 км. Атарот на селото има средна големина од 17 км2. со рамничарско ридски карактер.
Населението се занимава со одгледување на житни растенија, градинарски култури, тутун и друго. Во него работи основно училиште „Кочо Рацин“ до 9 одделение.
Во 1961 година Ивањевци била голема населба со 989 жители. Во 2008 година преминало во средна со 600 жители. Најголем број од иселеното население емигрирало во Битола, Прилеп, Скопје, прекуеокеанските земји и Европа. Доселено население во населбата има од село Подино, Крушеани, од Албанија и други места.
Во селото има храм посветен на Св. Ѓорѓи изграден (1847 година, обновен во 1932 и повторно реновиран во 2005 година). Ден на селото е Ѓурѓовден.
На местото на зградата на денешото основно училиште се наоѓала црквичката Свети Никола околу која имало гробови. Кога се градело училиштето сѐ било израмнето со земја. Според кажувањата Ивањевци некогаш било чисто турско село и имало 30 до 40 турски семејства. Селото имало уште и џамија која се наоѓала на местото на сегашната продавница (во 1955 г.) и муслимански гробишта. Турците од Ивањевци се иселиле во Битола и други села. Во теренските истражувања во педесетите години на 20 век, еден селанец раскажал предание: „Дедо ми кажуваше дека Турците ги утепала болеста - улера“ (колера). Додека имало Турци во Ивањевци, постојано населени Турци имало и во соседното село Долно Српци. Селаните наведуваат дека тие биле „прави Турци, како канатларчани“, т.е. Турци од селото Канатларци, односно вистински Турци кои зборувале турски. Иселувањето на Турците од Ивањевци и доселувањето на Македонците христијани се случило во втората половина на 18 век, пред околу 240 години. Тогаш во Ивањевци најпрвин дошле претците на денешниот род Ночевци, потоа дошле Мартиновци итн. Сепак пишаните историски документи од 14 век пред времето на доаѓањето на турските завојувачи, самото име на селото, како и староста на селската црква сведочат дека Ивањевци од дамнина уште пред 7 векови било населено со Македонци христијани.
Тумба е археолошки локалитет во битолското село Ивањевци. Локалитетот претставува населба од неолитско време. Се наоѓа северно од селото, во рамнината, каде по површината се среќаваат фрагменти од керамички садови.