Вашарејца

        Во минатото ова месност била обрасната со дрва. Во летниот период имало сенки. Наводно овој факт бил мотив да ја завикаат раица. Околните села им викале на жителите од оваа населба ваша-раица од каде се трансформирало денешното име Вашарејца (ваш рај).

        Селото Вашарејца е некаде познато и како Вашарејци, а во турските документи од почетокот на 19 век било запишано како Акгиџели, име кое денес е воопшто непознато меѓу мештаните и околното население. Друго предание за потеклотото на името Вашарејца најверојатно доаѓа од зборот вашар со значење на панаѓур, саем или општонароден собир на кој се разменувала стока, производи или имало забава. Доколку се има предвид средишната местоположба на селото веднаш крај главниот пат меѓу Битола и Прилеп на крстосницата со патот кој води кон Ивањевци, Долно Српци и другите села по долината на реката Шемница и во демирхисарско, голема е веројатноста тука (за Ѓурѓовден) да се одржувал голем вашар или панаѓур, според кој селото го добило и своето име.

        Населбата е рамнинска и се наоѓа во северниот дел на Битолското Поле, на рамнинскиот и во средишниот дел од територијата на Општина Могила, на 585 м надморска височина. Од Могила е еддалечено 8 км. Патот до селото е асфалтиран во 1996 година. Селото има полјоделска и сточарска функција. Во него работи основно училиште до 5 одделение.  (подрачно училиште на ОУ „Кочо Рацин“ – с. Ивањевци).

        Селото е средно по големина. Во 1961 година имало 502 жители, а во 2008 селото имаше 280 жители. Бројот на население кое емигрирало од селото изнасува над 200 лица. Најголем дел од населението се иселило во Битола, Прилеп, прекуокеанските земји и Европа. По пeдесетите години на 20 век се доселиле од село Базерник, Ерековци и с. Свињишта. Се проценува доколку би се вратиле сите селото би имало над 800 жители.

        Храмот на селото е посветен на Св. Ѓорѓи победоносец. А селска слава им е Ѓурѓовден.

Цркви и Манастири

Св. Ѓорѓи

        Црквата е сместена на ридот над самото село и железничката пруга. Според натписот на црковнословенски кој стои над влезната врата изградбата на црквата започнала во 1862 година и траела, односно завршила во 1883 година, во времето кога во селото началници биле Ристе, Божин, Богдан, Илија и Георги Власак (од родот Власковци), Петко, Трпче, Стојан, Коле и Ангел. Внатрешноста на црквата е целосно живописана со многу убав фрескоживопис на кој се наоѓаат доста ретки и занимливи прикази на четворицата јавачи и апокалипсата, страшниот суд, пеколот и други мотиви од Библијата.

        Се зборува дека на 300 метри подалеку од црквата имало латински манастир. Таму се пронаоѓани мермерни камења, од кои некои се пренесени кај црквата и стојат на самата нејзина врата. Тоа место кое сега е утрина (пасиште), се вика Манастириште. На самиот врв на ридот на стотина метри над црквата е поставен голем петнаесетина метарски железен крст.