Путурус
Селото се наоѓа во североисточниот дел на Битолското Поле на 660 м. надморска височина. Од Могила населбата е оддалечена 16 км., а од Битола 25 км.
Путурус се наоѓа во котлината Пелагонија, североисточно од Битола и југоисточно од Могила. На истата површина на која се наоѓа селото се смета дека постоела античка населба така наречена Кула. Подоцна се среќава и во турскиот период. Во близина на селото се наоѓал турски чифлик.
Лилјана Мојановска Бошевска ни раскажува како настанало селото Путурус и како го добило името.
Ова мало село, преубаво за мене и за нашите Путуревци ракажува Лилјана е настанато од две пусти братчиња од Егејска Македонија. Таткото и мајката им починале, а за дечињата се грижеле некои стари баба и дедо. После неколку години откако останале сами децата почнале да шетаат од село на село да најдат една корка леб за да преживеат. Биле сместени и живееле во село Канатларци кај некој жител каде што чувале и паселе крави за да преживеат. Пораснале во убави здрави момчиња и тогаш Турците сакале да ги земат како војници или да ги погубат. Човекот каде што работеле многу ги засакал и им рекол заминете некаде подалку од овде за да спасите глава никој да не ве најде. А тие одејќи по пат си велеле Добро пус па рус сум (Пус-Рус) и така се трансформирало во Путурус каде и се населиле тие и оформиле фамилии.
Првата местоположба на селото била неколку стотина местри погоре во однос на денешната локација.
Путурус е три пати испустено, првиот пат од Римјаните, потоа од Турците и трет пат во Првата светска војна. После војната сите жители биле иселени во Прилеп, и кога се вратиле назад после неколку години останата била само фурната на Мојановци и фурната на Мицовци, па тоа им служело како ориентир во урнатините за да си најдат каде им е имотот. После повторно си ги изградиле куќите од камен.
Лилјана во сеќавање ни раскажува дека како деца кога некој од соседите ќе печеле леб во фурната сите деца оделе таму за да каснат топло лебче. Се живеело мачен, тежок живот. Скоро секоја куќа имала вол ѕевгар и по некоја крава за опстанок. Во недела во Путурус не се работело, се одело само до бавча и се помагаше на тие посиромашните кои немаа ѕевгари. Исто така со голема слога изградиле и продавница каде прв продавач бил Василе Кочевски. Имаше задруга, имаше и монопол, тутунот им се откупувал на лице место, исто и сирењето. Во тој период селото напредуваше и подобро се живееше. Оделе на пазар да продаваат и во Битола и во Прилеп. Брашно се мелеше кај дедо Јоцко Воденичарот во Канатларци, а потоа во Добрушево што им било поблиску. Брашното се чуваше во дрвени амбари. Воденица во Путурус имаше од 1965 до 1980 година. Тогаш доаѓале луѓе најчесто од Мариовско Дуње, Кокре, Маково и остануваа по неколку денови за да им се сомели житото. Струјата во селото е донесена околу 1960 година.
Во колективот селото се делело на три маали. Едните биле Маџари, другите Егејци а третите Куреловци. Маџарите и Егејците биле заортачени а Куреловци бидејќи биле побогати многу ги осакатиле, ништо не им оставиле. Стар жител во селото кажувал дека на времето во Путурус имало две цркви и еден манастир.
Училиште имаше уште од одамна. Во 1966 година имало 36 деца од 1 до 4 одд. Трајан Бошевски од Могила им бил учител. Првото име на училиштето било Блаже Ругозинаро. Потоа Веселин Маслеша во 1960 година и потоа Иван Горанковачич.
Од Путурус имало борци кои учествувале во Илинденското востание.
Во 1961 г. Путурус имало максимум 371 жители, во 1986 г. околу 150, а во 2002 г. бројот се намалил на 20 жители. Бројот на иселено население изнесува над 300 жители. Најголем број се иселеле во Битола, Скопје, прекуокеанските земји и Европските држави. Во 2008 селото имаше само 8 жители. Денес (2018) во селото има само 5 постојани жители.
Во селото постои храм Св. Димитриј изградена во 1880 година и манастирче Св. Петка изграден во поново време а осветено на 30 септември 2017 година.
Слава на селото е Митровден.