Могила
Населбата го добила името по апелативот Могила – гроб, споменик, бидејќи имало остатоци од некогашни гробници кои народот ги викал могили.
Оваа голема и развиена рурална населба се наоѓа во средишниот дел на Битолскот Поле и претставува седиште на истоимената Општина. Лежи непосредно на патот Битола-Могила. Од Битола населбата е оддалечена 10 км. Селото е рамничарско на 582 м. надморска височина.
Могила е големо полско село кое лежи расположено покрај долното течение на Шемница, десна притока на Црна Река. Незначително е одалечено од железничката пруга Битола - Прилеп. Атарот е релативно голем и зафаќа површина од 22,2 км². Могила е село од збиен тип и седели на две големи маала – Горно и Долно. На границата меѓу маалата е средишниот дел на селото или сретселото со голем задружен дом, во кој денес се наоѓа зградата на Општина Могила. Во селото се наоѓаат и Централно основно училиште Гоце Делчев, пошта, две амбуланти, ветеринарна станица, Дом на Култура.
Во селото има основано спортско друштво и фолклорна група. Могила е развиена населба а со намален тренд на популацијата. Така во 1961 г. имало 2038 жители, а во 2002 г. 1526 жители. Поради миграционите движења околу 1000 лица го напуштиле селото. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, Прилеп, прекуокеанските земји и Европските држави. Доколку би се вратиле сите иселени, населбата би броела над 4000 жители. Во 2008 г. во Могила имаше 1510 жители.
Селска слава им е Св. Архангел Михаил и Св. Елена и Константин.