Битола

        Битола е голем стар град кој се наоѓа во југозападниот дел на Македонија. Градот е административен, културен, економски, индустриски, образовен и научен центар за тој дел од Македонија и е втор по големина град според бројот на жители.

        Градот е во подножјето на планината Баба (со врвот Пелистер висок 2 601 м) во средишниот дел на Пелагониската Котлина. Низ него тече реката Драгор. Се наоѓа на 14 км северно од границата со Грција, на надморска височина од 615 м.

        Во текот на историјата, во зависност од владетелите, градот Битола имал многу имиња. Словенскиот назив за градот Битола потекнува од зборот „Обител“, кој за време на средниот век се користел за заедница на монаси, како фамилија, односно манастир. Името го добил по многуте манастири што се наоѓале во градот и во околината, а некои постојат и денес. Со текот на времето, гласот О се исфрла во изговорот на зборот „Обител“, и името на градот се трансформира во Битола.

        Многу важни настани од македонската и балканската историја се случиле во Битола. Градот е граден, доградуван, рушен и повторно граден и надградуван уште од неговото прво населување во доцното бронзено доба. Потоа во хеленистичкиот период, па Римското Царство, сѐ до византиското време имал статус на град со висок степен на цивилизација.

        Традиционално силниот трговски центар е познат и како град на конзулите поради тоа што во еден период за време на Отоманската Империја Битола имала дури дваесет конзулати од разни европски земји. Во истиот период градот имал многу школи, меѓу другите и воена академија, којашто ја посетувал и славниот турски реформатор Кемал Ататурк, таткото на турската нација кој завршил офицерска школа во Битола. Некои негови работи денес се чуваат во Битолскиот народен музеј.

        На крајот на XIX век бил толку силен град, што неговото население непрестајно растело и го надминало бројот на населението на Белград. Градот бил преполн со фабрики и фотографски дуќани. Во Битола се снимени првите фотографии и филмови, благодарејќи на браќата Манаки. Тоа било златното доба на градот. За жал, за време на Балканските војни многу битки биле водени во околината на градот и самиот град, па многу материјални докази изгореле или биле потполно уништени. Архитектурата можела да се обнови, посебно последните петнаесетина години, а докази за сѐ што се случувало се и прераскажувањата на старите кои добро се сеќаваат.

        Широк Сокак (официјалното име на улицата е „Маршал Тито“, позната и како „Битолското корзо“) е најфреквентната улица во Битола. Во почетокот била наменета за автомобили, меѓутоа денес е исклучиво пешачка улица и вистинското срце на градот.

        Саат Кулата не се знае точно кога е изградена. Се спомнува во пишани извори од XVI век, но не е утврдено со сигурност дали се работи за истата градба. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата Св. Димитрија Солунски, поточно 1830 година. Според легендата, кулата е изградена кога отоманските власти во градот, односно Турците, поминале по сите околни села и собрале околу 60 000 јајца од коишто направиле малтер. Од смесата измешана со камења ја изградиле кулата, чии цврсти ѕидови стојат и денес неоштетени.

        Градот се наоѓа на римскиот пат Виа Егнација (Via Ignatia), каде што е и античкиот град Хераклеа Линкестис. Хераклеја Линкестис (латински: Heraclea Lyncestis) е древен град од римскиот период кој датира од средината на IV век пр.н.е. Основан е од македонскиот крал Филип II. Градот бил развиен воено-стратешки центар на северозападната граница на тогашната македонска област Линкесида (денешно Битолско Поле).

        Во периодот на II век пр.н.е. кога Македонија станува римска провинција, Хераклеа станува силен економско-политички центар (Septina Aurelia Heraclea) со свој постојан римски намесник и римска војска, што сведочи за Битола како центар на вечна моќ, цивилизација, култура и убавина којашто е тука и денес.

Цркви и Манастири

Св. Димитриј

Пресвета Богородица

Св. Наум

Св. Недела

Св. Никола

Св. Јован

Св. Пантелејмон

Св. Атанас - Смолево

Св. Константин и Елена

Св. Троица - Руска Црква

Св. Петка

Св. Петар и Павле

Св. 40 Маченици - Кркардаш

        Свети 40 Маченици е црква која се наоѓа на Кркардаш во битолскиот Смилевски Баир. Била подигната пред 150 години, на местото каде постоел некогашниот манастир "Свети Атанасие". Кога турскиот аскер ја освојувал Битола, калуѓерите од манастирот пружиле жесток отпор борејќи се на тој начин што во едната рака носеле крст а во другата меч.

        Во чест на овие 40 калуѓери, подигнат е манастирот "Св 40 маченици" додека славата на ова црквиче е секоја година на првиот ден на пролетта.

 

Св. Спас

Св. Архангел Михаил

Св. Архангел Гаврил

Св. Ана

Св. Атанас

Св. Злата Мегленска

Џамии

Исак Челеби Џамија

Јени Џамија