Ново Село

        Селото било сместено точно на ископот на РЕК-Битола. Се наоѓало на патот меѓу селата Биљаник и Тепавци. Ново Село сместено во Битолското Поле гравитирало секогаш кон село Новаци. Први податоци по Втората светска војна за селото среќаваме во 1948 година кога имало 107 жители сите доселени од околните села и Мариово.

        Векот на опстојување на ова село бил краток, населбата максимумот го достигнала во 1953 година со 165 жители. (Меѓу кои биле доселеници од Лесково, Боиште и некои други демирхисарски села). За да по 1961 година кога броело само 12 жители сите Македонци во наредните пописи фигурира како раселена населба. Селото било на 613 м. надморска височина.

        Се претпоставува дека некогашните жители на ова село имале мала црквичка посветена на Успение на Пресвета Богородица изградена во 19 век што покажува дека населбата била од постар датум.  Слава на селото била Голема Богородица. Некогашните живеалишта, Храмот и сите други објекти повеќе од 4 децении не постојат.