Езеро Мантово

        Мантово е сместено на 15 км од с. Конче, 18 км од Радовиш и 25 км од Штип. Езерото има издолжен облик и зафаќа вкупна површина од 4,49 км2. Административно, езерото во целост се наоѓа во Општина Конче.

        Езерото Мантово е изградено на реката Крива Лакавица во 1978 година, со основна функција да го наводнува Радовишко Поле, да обезбедува вода за потребите на рудникот Бучим, да обезбеди водоснабдување на Општина Конче, како и да прерасне во главен туристички центар во регионот.

        Езерото се протега во насока исток-запад. Од север се граничи со атарот на селото Долна Враштица, од исток со атарот на селото Габревци, од југ со атарот на селото Долни Радеш, додека од запад со атарот на село Гарван, од каде се наоѓа насипот на самата брана.

        Езерото изобилува со богат и разновиден биодиверзитет, при што во него и неговата околина се среќаваат повеќе видови на слатководни риби и птици.

        Во поново време се преземени повеќе активности во насока на промовирање на Мантово како главен туристички центар во регионот. Пријатната клима со температура на водата од 24ºC во летниот период е погодна за капење и практикување на водните спортови, застапеноста на повеќе видови на риби создаваат добри предуслови за спортски риболов, а издолжените вертикални граматни карпи во близина на ридот Габровска Чука овозможуваат добри услови за алпинистичко искачување.

        Во декември 2014 година крај езерото се изградени три дрвени влашки колиби како дел од проект за промоција на влашкото културно наследство во регионот на Сер и Конче во рамки на прекугранична соработка со Грција. И покрај тоа што во Општина Конче не живеат Власи, локалната самоуправа изградените објекти ги нарекла „влашки колиби“ поради местото каде што тие поминувале и престојувале. Колибите се изградени во стар стил, од дрво, со бетонска подлога, а опремени се со кревет, маса и дрвени клупи.

Цркви и Манастири

Св. Ѓорѓи