Загорци
Оваа мала населба се наоѓа во северозападниот дел на територијата на Општината Конче, во проширената долина на реката Крива Лакавица, а чиј атар се издига до сртот на планината Серта, каде што се допира со територијата на Општината Неготино. Селото е ридско, на надморска височина од 560 метри. Од градот Радовиш населбата е оддалечена 26.5 km.
Атарот зафаќа простор од 7.3 km2. На него шумите заземаат површина од 302,5 ha, на пасиштата отпаѓаат 268,2 ha, а на обработливото земјиште 180,1 ha. Во основа, селото има мешовита земјоделска функција. Населбата е мала, во фаза на наполно раселување. Така, во 1961 година селото броело 222 жители. а во 1994 година само 12 жители, македонско население.