Габревци
Населбата се наоѓа на источниот дел на територијата на Општината Конче, во горното сливно подрачје на Крива Лакавица, десна притока на Брегалница, на чиј атар е изградена вештачката акумулација Мантово.
Селото е ридско, на надморска височина од 500 метри. Од централното место Радовиш населбата е оддалечена 14 km. Атарот зафаќа простор од 10,8 km2. На него шумите заземаат површина од 519,4 ha, на обработливото земјиште отпаѓаат 323,9 ha, a на пасиштата 197.4 ha. Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.
Во него работи основно училиште до IV одделение. Габревци е познато по изработката на квалитетни грнчарски производи. Инаку, населбата е средна по големина, но co намалување на бројот на населението. Во 1961 година селото броело 458 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 368 жители, македонско население.