Дедино
Населбата се наоѓа на територијата на Општината Конче, на превалот, односно, на сртот на планината Смрдешник, помеѓу Радовишкото Поле и горното сливно подрачје на Крива Лакавица. Селото е ридско, на 610 м надморска височина. Од градот Радовиш селото е оддалечено околу 10 km и лежи на патот Радовиш–Конче. Атарот е голем и зафаќа простор од 22,1 km2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.338,8 ha, на обработливо земјиште отпаѓаат 592,6 ha, a на пасиштата 248,1 ha. Во основа, селото има мешовита земјоделска функција. Во него работи основно училиште до IV одделение.
Дедино е познато како значајно место од времето на Илинденското востание, кога во него била изградена пушкарница, a добар дел од населението директно учествувало во востанието. Дедино е средна по големина населба. Така, во 1961 година селото броело 675 жители, a во 1994 година бројот се зголемил на 779 жители, македонско население.