Коњско
На северозападниот брег од големото Преспанско Езеро, во источното подножје на планината Пречна или полустровот Вакуфче (разгранок на Галичица), на мала крајезерска изолирана тераса, на надморска висчина од 854 м., се наоѓа селото Коњско.
Коњско е дислоцирано село. За негова предходна локација се споменува месноста Старо Село, на околу 4 км. југозападно од денешната. Најверојатно е дека тоа се случило во првата половина на 19 век во потрога по локација за поудобен живот.
Коњско е село од поново време. Најверојатно настанало во текот на 18 век. Името на селото потекнува од зборот „конак“ (преноќиште). Во минатото кога рибарите од преспанските крајбрежни села оделе на риболов на полуостровот Вакуфче, преноќувале таму, поради што местото го нарекле конак, а потоа со текот на времето, овој збор е преобликуван во придавката „коњско“. Друга претпоставка е дека името селото го добило по домашното животно (коњ), кој бил доста употребуван заради природната изолираност на селото (непостоење на патишта), па во него се влегувало или изглегувало само со коњ или чамец.
Денес Коњско е викендашко село од собран тип со преку триесетина современо изградени куќи (викендици), во кои се одвива сезонски живот.
Во периодите на покачено ниво на езерските води, селото било поплавувано. Како такви периоди посебно се споменуваат: 1914-1918 и 1940-1943 година.
Во минатото, Коњско било село со најнеприродна локација. Сега е поврзано со Стење преку шумскиот пат (пробиен околу 1970 г.).
Во Коњско во 1953 г. имало 311 жители, во 1971 броеше 46, а во 2002 г. само 3 жители. Денес (2018) во селото нема постојани жители.
Коњскари својата егзистенција ја обезбеедувале преку риболовот, дрварењето, сточарството, полјоделството, производството на вар и печалбарството.
Во Коњско е формиран првиот народноослободителен одбор во Преспа (27 декември 1942).
Во атарот на Коњско постојат две цркви и еден манастир.
Цркви и Манастири
Св. Никола
Црквата Св. Никола се наоѓа на 500 м. северно од селото, изградена во 1937 г. Во нејзиниот круг се селските гробишта.
Манастир Св. Илија
Манастирот Св. Илија се наоѓа на околу 2 км. северозападно од селото во месноста Лиса. Името Лиса месноста го добила по преданието, по кобилата на Цар Самоил која се викала Лиса и која го пренела ранетиот Цар преку езерото, од Претор до тоа место, по што се нарекува Лиса.
Манастирот е изграден на карпа, на стари темели, покрај брегот на езерото во 1922 г. Во негова непосредна близина постојат остатоци од градби кои упатуваат на претпоставка дека тука некогаш постоел манастир кој датира од 1870 година.
Пештерна црква - Св. Богородица
Источно од с. Туминец, а 1,5 км. јужно од село Коњско во пазувите на карпестиот предел Орлов Рид, само на десеттина метри од Македонската граница, се наоѓа овој пештерен храм.
Пештерскиот храм кај мештаните од село Туминец е познат под името Св. Марина кај Глобоко, бидејќи се наоѓа само на стотина метри, источно од манастирскиот комплекс посветен на оваа великомаченица.
Црквата е сместена е во природна пештера која е поделена на два дела со изграден ѕид: еден пештерен простор кој служел како монашка ќелија и црква, која денес е отворена кон северо-западната страна и претставува еден вид на природен трем.
Кај народот е позната како Св. Богородица и Св.Никола меѓутоа во 1969 г. новинарот Кирил Јоновски заедно со историчарот на уметноста д-р Петар Миљковиќ-Пепек извршиле истражувања при што се утврдило дека црквата е посветена на Св.Петар и Павле.
Пред главниот влез во една полукружна ниша е насликана една од најубавите и импресивни претстави на Св. Богородица со малиот Христос од типот Умиление. Внатрешноста изобилува со насликани композиции на Големите Празници и Светителски ликови.
Од сочуваните натписи дознаваме дека зограф на ова сликарство бил сликарот Алексиј, ученик на Јован зограф, во времето на игуменувањето на јеромонахот Пајсиј кој бил воедно и ктитор. Теофан Попа ова сликарство го датира кон крајот на 13 и почетокот на 14 век. Високиот квалитет на сликарството е забележлив и покрај лошата сочуваност на живописот. Се смета дека зографот ги следел во потполност сликарските постапки на работилницата која ги сликала црквата Св. Богородица Заумска (1361) и Свети Ѓорѓи во Костур, Егејска Македонија.