Растојца
Растојца се наоѓа во крајниот северен дел на територијата на Општина Демир Хисар, недалеку од патот Демир Хисар-Крушево. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 720 метри, а атарот на селото зафаќа простор од 8 км². Најблиски соседни села се Кочиште и Ракитница.
Селото во основа има полјоделско-шумарска функција.
Старото село, кое исто го викале Растојца, се наоѓало на друга местоположба, 6-7 километри југоисточно од сегашната, односно меѓу селата Прибилци и Ново Село на место викано „Стара Растојца“. За време на турското ропство, во близината на селото Прибилци бил разместен турски гарнизон. Аскерот, башибузукот често правеле зулуми. Населението давало отпор. Еден ден, биле убиени неколку турски војници. Аскерот се вратил во Прибилци, се прегрупирал имал за цел да го запали селото и сурово да го казни населението. Растојчани очекувале одмазда и штом забележале движење на аскерот кон нивното село, веднаш избегале од селото оставајќи го празно. Селото било опожарено, разурнато до темел. Мештаните заминале во различни правци, само со најнеопходното. Двајца браќа заминале во правец на север за да се скријат во густата шума. Тука оформиле живеалиште, а новото живеалиште го нарекле Растојца.
Во дворот на селската црква до неодамна можеше да се види и стариот даб, за коj се верува дека е едно од најстарите дрва во Македонија.
Секоја година во училишниот двор на селото се одржува традиционалната културно-уметничка манифестација „Илинденски срцекази“. Ова е една од ретките и специфични манифестации која секоја година се одржува во летниот период во рамките на Растоичко културно лето, инаку дел од програмските содржини на Демирхисарско културно лето. Дел од манифестацијата се писатели, сликари, музичари, актери и други уметници и творци.
Растојца е мало село, населено со македонско население. Така, во 1961 година броело 238 жители, а во 1994 година бројот се намалил само на 23 жители македонско население.
Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 19 жители, сите Македонци. Зимно време има само неколкумина жители, не повеќе од 10, a летно време бројката се зголемува, до дваесетина жители.