Смилево

        Смилево се наоѓа на крајниот јужен дел од територијата на Општина Демир Хисар, во подножјето на Бигла Планина. Селото е ридско, на надморска височина од 940 метри.

        Од патот Демир Хисар – Битола населбата е оддалечена малку повеќе од девет километри. Атарот зафаќа површина од 16,4 км²

         Познато е по Смилевскиот конгрес и кревањето на Илинденското востание. Селото е родно место на големиот национален деец Даме Груев — еден од основачите и водачите на ВМРО, овековечен со споменик.

        Смилево е единствено мијачко село во Демирхисарско. Населено е со Мијаци, дојдени од мијачкиот предел кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, бегајќи од големите зулуми и грабежи. Легендата вели дека до денешната населба на селото Смилево постоела населба од Брсјаци. Тоа место се нарекува Старо Смилево. Новопристигнатите Мијаци продолжиле да се занимаваат со сточарство, но кога и таму се јавиле грабежи и несигурност го напуштиле сточарството и се ориентирале кон ѕидарскиот занает. Набргу станале најголемите мајстори - ѕидари во Битола, Ресен и пошироко.

        Жителите на Смилево активно се вклучиле во борбите на ВМОРО. Тука се одржува и Смилевскиот конгрес од 2 до 7 мај 1903 година, на кој е решено да се крене Илинденското востание во Битолскиот револуционерен округ, а индиректно во Македонија и Одринско. За време на востанието селото било ослободено, но потоа селото е три дена разграбувано и опожарено.


        Во Смилево постои ОУ "Даме Груев" - кое датира од турско време. Во текот на 1963 година изграден е споменик на Даме Груев. Исто така во спомен на 100 години на Илинденското востание 1903 и познатиот Смилевски конгрес подигнат е Спомен музеј. Изградбата на музејот започнала во 2003 година и завршила следната 2004 година кога музејот бил отворен.

        Петровден е главна селска слава на селото

        Во почетокот на XX век Смилево било големо село и во него живееле околу 2 200 жител. Од Смилево се иселил голем дел од населението и селото преминало од голема, во средна населба, населена со македонско население. Во 1961 година селото броело 1.158 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 384 жители. Во 2002 година во Смилево живееле 321 жител, а денес има околу 150 постојани жители - сите Македонци.

Цркви и Манастири

Св. Ѓорѓи

Манастир Св. Петар и Павле

        На воздушна линија од само околу еден километер од Смилево, или десетина километри североисточно од селото, во смилевската корија, опкружен со столетна шума и во препознатлив песнопоен амбиент, се наоѓа манастирот “Свети Петар и Павле”.

        Се претпоставува дека е стар повеќе од 150 години и се вбројува во најпознати културно-историски споменици. Меѓутоа заради отсуството и негрижата, старата манастирска црква подолго време била препуштена на забот на времето и од неа останале само руини.

        Според сеќавањата на постарите смилевци, во манастирот, целиот свој живот го поминал Егуменот Петре чија што предсмртна желба била, на ова место да се изгради нова манастирска црква. Со божја помош, уште во 80-те години од минатиот век, во манастирскиот комплекс, вредните смилевски неимари ја започнаа изградбата на конаците, како и возобновувањето на манастирската црква, со што е исполнета исконската желба на смилевци, но и аманетот на егуменот Петар.

        Манастирот “Свети Петар” е составен дел од историското минато на Смилево, но и составен и неразделен дел од смилевското катадневие и роднокрајните смилевци кои останале во селото, но и на оние кои поради разни причини го напуштиле и се преселиле во градовите или во други земји.

Св. Ѓорѓи

Св. Димитрија

Св. Петка

Св. Недела