Цер
Иако административно селото е кичевско, сепак Цер е демирхисарско село. Се наоѓа во т.н. област „Горен Демир Хисар“ во западна Македонија, на 25км оддалечено од Кичево на надморска височина од 990m до 1050m. Се простира помеѓу планините Баба Сач и Лубен во областа популарно наречена Преку Турла.
Селото има доста голема историја. За него може да се каже дека е едно од поголемите револуционерни села за време на турското ропство. Денеска таму се наоѓа гробот на комитата Христо Узунов и неговата чета.
Луѓето раскажуваат, како што им кажувале нивните дедовци и прадедовци, дека селото од сите страни било сардисано… топовите навртени! Четата на Узунов в село! Условот бил да се предадат или цело село ќе биде пеплосано и старо и младо убиено. Да се предадат не им прилегало на такви ѕверови. И… војводата ја дал последната наредба: Сите сами да се убијат!
За село Цер среќаваме малку податоци бидејќи сите изгореле во 1903 година, по задушувањето на Илинденското востание.
Како и многу други села во Р. Македонија и ова село е со мал број на жители поради нивната емиграција во градовите. Во 1953г. во селото имало 1163 жители, а во 2002г. 159 жители.