Лопатица
Името на населбата води потекло веројатно од нејзината местоположба, односно лоцираноста покрај пат. Според тоа прво ја завикале Попатица, а подоцна произлегло денешното име Лопатица.
Населбата се наоѓа на западниот дел на Битолското Поле, на територијата на Општина Битола, на 16 км оддалеченост од Битола. Селото е ридско, на 655 м надморска височина.
Во Лопатица работи основно училиште до 4 одделение.
Од Лопатица се иселил голем број од населението, така што селото преминало од средна во мала населба. Во 1961 година населбата имала 615 жители, а во 2008 г. бројот се намалил на 280 жители, сите Македонци. Најголем број од населението се иселило во Битола, Скопје, Австралија, САД, Канада, Германија и други европски земји.
Во селото има црква посветена на Пресвета Богородица, изградена во 1827 година. Селска слава им е Мала Богородица (21 септември).