Лисолај

        Легендата за името на оваа населба го објаснува потеклото на ова име на тој начин што некој ловџија од населбата еден ден на лов ги зел и своите деца. Децата се изгубиле, ловџијата избезумен постојано му викал на кучето „Лисо, лај“ (кучето се викало Лиса). Од тие зборови се произлегло денешното име на селото.

        Лисолај се наоѓа во северозападниот дел на Битолското Поле и административно припаѓа на територијата на Општина Битола. Селото е ридско, на 728 м надморска височина. Од Битола е оддалечено 13 км, а од регионалниот пат Битола-Кичево 2 км. Во селото работи основно училиште до 4 одделение.

        Од селото Лисолај потекнува значителна емиграција на население, па затоа преминала од средна во мала населба. Во 1961 г. населбата броела 679 жители, а во 2008 г. - 230 жители. Најголем број од населението се иселило во Битола, Скопје, Австралија, САД, Германија и други европски земји.

        Во населбата и неговата околина има една црква и еден манастир. Црквата е посветена на св. Петка (изградена во 1865 г. на стари темели), а манастирот на св. Архангел Михаил.

Цркви и Манастири

Св. Петка

Манастир Св. Архангел Михаил