Габалавци
Мала рурална населба што се наоѓа на западната страна на територијата на Општина Битола, лево од регионалниот пат што води од Битола до Демир Хисар. Селото е ридско, на 690 м надморска височина. Од Битола е оддалечено 20 км.
За името на населбата има легенда според која во минатото на оваа месност имало дабови стебла, па затоа околните села од оваа населба го викаа Дабалавци, и од ова име подоцна произлегло денешното име.
Населбата е мала и во 1961 г. броела 286 жители, а во 2002 г. – 114 жители. Од селото се иселиле над 200 лица и тоа во Битола, Скопје, Америка, Канада, Австралија и Европа. Се смета дека од ова село има повеќе од 500 иселеници.
Во селото има црква Св. Атанасиј Велики (изградена 1890 г. на стари темели, реновирана 1926 г. и во 1980 г.). Слава на селото се Атанасовден и Митровден.