Облаково

        Облаково е прекрасно планинско село. Името на селото е во врска со неговата лоцираност на планина и со честата облачност што е појава за сите планински области.

        Ова мало село се наоѓа на западната страна на Битолското Поле, на територијата на Општина Битола. Селото е планинско , на 1 010 м надморска височина. Од Битола е оддалечено 20 км. Најблиското село од североисток е с. Габалавци оддалечено 3 км, додека пак од останатите страни Облаково е обиколено од густа шума на планинскиот Снеговско-Облаковски Масив. Населбата е електрифицирана, има повеќе чешми, земјен пат, извори и мала рекичка која во летните денови пресушува.

        Природата на Облаково ѝ ја подарила најладната и најдобрата планинска вода, кoja тeче од трите селски чешми. До една од чешмите се наоѓа споменикот на борците и старата црква. Под сретселото се наоѓа и напуштеното училиште во кое старите oблаковци се образувале, a тука е и казарницата во која селаните ја правеле својата ракија.

        Најголем дел облаковци се иселени во Битола, Скопје, Австралија, Америка, Канада и други земји. Нивниот број изнесува над 400 лица.

        Многу веројатно е дека уште во 1480 година селото имало и храм, кој бил разрушен, а потоа обновен во 1860 година и најпосле кон 60-тите години реновиран. Храмот во селото е посветен на св. Теодор Тирон, а слава на селото е Св. Никола – летен (Талалеј – 2 јуни) на која слава сите облаковци од Битола и некои од прекуокеанските земји се собираат на сретсело и го слават празникот. Секоја година се избира кум кој се залага за селото. На тој ден странците се среќаваат со старите пријатели и роднини.

        Максималниот број од 381 жители селото го имало во 1953 година, откога започнува постепено иселување. Населбата е мала и речиси раселена. Во 1961 година селото броело 293,  а во 2008 година само еден жител (Дедо Ставре кој 30 години живееше сам).

        Во Облаково живееле само Македонци кои се занимавале претежно со сточарство, дрварство и дел со трговија. Денес, за жал, селото нема ниту еден жител, но има по некој кој за викенди го посетува родното огниште.

Цркви и Манастири

Св. Теодор Тирон