Кажани
Според една легенда пред многу векови на ова место постоела богата градска населба во која најзастапена стопанска гранка било сточарството, така што покрај другите производи со кои тргувале, најпознати биле кожите, па затоа населбата ја викале Кожани, кое подоцна се трансформирало во денешното име Кажани.
Селото е сместено на крајниот западен дел на Општина Битола и на микро областа Цапарско Поле. Кажани се смета за ридско село, на 880 м надморска височина. Од Битола е оддалечено 16 км и се наоѓа непосредно до магистралниот пат Битола-Охрид.
Најголем број население селото имало во 1900 г. - 515 жители. По Првата светска војна селото речиси било раселено. Кажани од средна преминала во мала населба, која во 1961 г. броела 134 жители, од кои 98 биле Македонци, 34 Турци и 2 жители Срби. А во 2008 година се регистрирани 114 жители.
Во времето од 50-тите до 80-тите години на 20 век, Кажани беше туристички развиена населба со повеќе кафеани, ресторани со убави зданија итн. Во неа имаше сместено здравствена станица со добра лекарска екипа, полициска станица, а во 50-тите години и ветеринарна станица. Покрај тоа имаше и фурна, продавници со колонијални стоки и претставуваше центар на околните села, со посебна автобуска станица.
Најголем број од иселените жители на Кажани се доселиле во Битола, Ресен, Охрид, Турција, а по Првата светска војна во Австралија, Канада, Белгија, Германија, Австрија и други европски држави.
Кажани е туристичка населба со прекрасна местоположба, со бујна вегетација, со извори на вода, со река и со чешми.
Во селото е изграден храм посветен на св. Николај. Селска слава им е Голема Богородица на 28 август.