Ѓавато

        Името на селото Ѓавато претставува примарно топографско име. Тоа е добиено по пат на топонимизацијата на апелативот ѓавато „премин преку планина“. Всушност во непосредна близина на селото се наоѓа планинскиот превој Ѓавато на 1 269 м надморска височина. Населбата се наоѓа на западниот дел на територијата на Општина Битола. Од Битола населбата е оддалечена 20 км.

        Од 1952 до 1974 година во селото работеше осумгодишно основно училиште.

        Со оглед на тоа дека лежи малку повисоко во Цапарското Поле, селото е ридско, од т.н. маалски тип на села со 9 маала, сите расфрлани на простор од околу три километри од 830 до 910 м надморска височина, што значи има средна надморска височина од 870 метри.

        Во 1900 г. селото имало 1 500 жители. Како резултат на војните и печалбарството, селото претрпело значителни промени во бројната состојба на населението.

        Селото има прекрасни стари градби, со интересна архитектура од првата половина на 20 век. Од ова село кон крајот на 19 и почеток на 20 век се иселил голем број од населението и така преминало од голема, во мала населба. Се проценува дека од селото емигрирале околу 2 000 жители. Така во 1948 г. населбата имала 1 554 жители, а во 2008 г. бројот се намали на 112 жители.

        Низ целиот период во селото живееле Македонци. Најголем број од емигрираните ѓаваштани се иселиле во Битола, Скопје, Охрид, Австралија, САД, Канада и други европски земји.

        Интересен податок е да се напомене дека во околината на с. Ѓавато има три цркви под името Св.Богородица, односно тоа се црквите Св.Богородица на планинскиот превој Ѓавато (1 176 м надморска височина), Св.Богородица (16 век) источно од селото на еден километар од с. Ѓавато, поточно на тромеѓето на атерите на с. Ѓавато, с. Кажани и с. Доленци, каде се наоѓаат и селските гробишта на овие три села, бидејќи за време на османлиската власт с. Кажани и с. Доленци биле муслимански села и малубројните христијани од овие две села ја користеле оваа црква за верски обреди како и просторот околу црквата за гробишта на починатите христијани кои живееле во овие три села; и третата обновена црква од поново време Св. Богородица на месноста викана Главиште на 500 метри западно од селото во пазувите на Бигла Планина.

        Во градовите каде има повеќе емигранти од Ѓавато во САД, Канада и Австралија постојат посебни здруженија што го носат името “Ѓавато”, составени главно од жители кои потекнуваат од ова село. Најмасовно иселување имало по Балканските војни и по Втората светска војна.

        Ѓавато е познато со својата револуционерност, со опстојот низ вековите.

Цркви и Манастири

Пресвета Богородица

Успение на Пресвета Богородица

Пресвета Богородица