Доленци
Се наоѓа на 20 км западно од Битола, во микро областа Цапарско Поле. Името на оваа населба е изведено според нејзината микролокација, односно се наоѓа на понизок терен во однос на околните села. Селото има ридско рамничарски карактер.
Доленци е средна по големина населба, но со намалувањето на бројот на населението влегува во групата мала населба. Во 1953 г. селото имаше 433 жители, а во 2002 г. - 265 жители. Најголем број од иселеното население (околу 300 лица) има во Битола, Скопје, Ресен, Турција, прекуокеанските земји и во Европа.
Во селото има храм посветен на св. Ѓорѓи (Ѓурѓовден). Црквата е стара градба од 19 век, обновена во 1926 г., а потоа реновирана во 60-тите години на 20 век. Џамијата е изградена во 50-тите години на 20 век.