Ново Змирново
Населбата е релативно нова, стара над 60 години, односно формирана непосредно по Втората светска војна, регистрирана за првпат во пописот од 1948 година со 158 жители, во поголем број доселени од селото Старо Змирнево.
Се наоѓа на западниот дел на Битолското Поле, на западната страна на Општина Битола. Селото е рамничарско, на 598 м надморска височина. Од градот Битола е оддалечено 9 км, а од регионалниот пат Битола - Демир Хисар - Кичево околу 1 км. Од исток селото е речиси споено со с. Црнобуки. Атарот е мошне мал и зафаќа простор од 1 км².
Населбата во 1961 година броела 171, во 2002 година 41, за во 2008 г. бројот да се намали на само 10 жители. Населението се иселило во Битола, Скопје, Австралија, САД и многу евопски земји.
Во селото има црква посветена на Пресвета Богородица. Ден на селото е Голема Богородица (28 август).