Драгарино
Мала населба, сместена во подножјето на Снеговско-облаковска планинска маса, во дол од каде потекува река која редовно има вода во мали количества. Населбата се наоѓа во северозападниот дел на територијата на Општина Битола, на 1 км од регионалниот пат Битола-Демир Хисар-Кичево, на 12км оддалеченост од Битола. Селото е рамничарско, на 640 м надморска височина.
Името на населбата води потекло од родоначалникот Драгор, што се населил прв во оваа месност.
Населбата отсекогаш била мала и во 1961 г. броела 131 жител, а во 2008 г. - 136 жители. Најголем број од населението е иселено во Битола, Австралија, САД и други европски земји.
Во селото се наоѓа црквата Воскресение Христово (1878), а празник на селото е Велигден.