Крклино
Во почеток на 21 век селото веќе стана приградска битолска населба. За потеклото на името се споменува легенда, според која се поврзува со прекарот на убавата Илина, која од околните села била позната со името Крклина.
Крклино е ридско село, сместено на 620-700 м надморска височина. Од Битола е оддалечено 4 км. Во 1961 г. имало 682 жители, а во 2002 г. - 611 жители. Како и останатите битолски села и Крклино било зафатено со емиграција, па така бројот на иселениците се движи над 300 лица. Најмногу емигрирале во Битола, Србија, прекуокеанските земји и Европа.
Во селото има црква посветена на св. вмч. Тодор, црква Св. Богородица и манастир посветен на св. Илија (853 м надморска височина). Празник на селото е Илинден и Св. Тодор (Тодорица).