Меџитлија
Името на селото доаѓа од турското лично име Меџит, кое со текот на времето се трансформирало во Меџитлија. Можно е името да потекнува и од жолтозлатната боја на земјата која се добива од минералната вода што содржи железо.
Меџитлија се наоѓа на јужната страна на Општина Битола, во непосредна близина на државната граница со Р Грција. Од Битола е оддалечена 13 км. Селото е рамничарско, на 585 м надморска височина.
Поголемо училиште во селото имало во времето од 1930 г. до 1965 г., додека во 2008 г. работеше само основно училиште до 4-то одделение.
Во селото има и извор на минерална вода, фабрички погон за производство на минералната вода „Пелистерка“ - Битола.
Во 1953 г. регистриран е максималниот број од 680 жители. Од средината на педесеттите години Турците интензивно се иселуваат во Турција, така селото од средна станува мала населба, а на нивно место се доселуваат Албанци, најмногу доселеници од селото Кишава. Веќе во 1961 г. населбата имала 221 жител, а во 2008 г. - 137 жители. Покрај масовната преселба кон Турција, подоцна емигрирале кон Битола, Австралија и САД.
Во селото има џамија, а празник е Бајрам.