Кишава
Името на населбата е од албанско потекло, а во превод значи црква. Најверојатно во оваа месност порано имало црква или манастир. Според други извори името Кишава означува влажна, мокра река, богата со вода „влажен дол“, а ова го потврдува фактот што низ населбата минува Кишавска Река.
Населбата се наоѓа на крајниот југозападен дел на Битолско Поле, односно во јужниот дел на Општина Битола. Селото е ридско, на средна надморска височина од 860 метри. Од градот Битола селото е оддалечено 20 км. Во него работи основно училиште (подрачно училиште на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ - Бистрица).
Во 1900 година во Кишава живееле 700 жители, сите муслимани - Албанци. Според движењето на бројот на жителите, во Кишава во 1953 година имало максимум население од 899 жители; оттогаш, па наваму популацијата драстично се намалила на само 308 жители во 2008 година. Најголем дел од населението се преселило во Австралија, САД, Канада и други европски држави. Бројот на емигрирано население изнесува над 1 000 лица.
Во селото има џамија, празник на селото е Бајрам.