Канино
За името на населбата постои легенда според која се кажува дека селото потекнува од името на убавата Калина, што подоцна станало Канино.
Други велат дека Канино го добило името по првите жители (дедо Коте) кој бил многу дружељубив човек и постојано канел гости, па така селото го добило името Канино.
Населбата се наоѓа во југозападниот дел на Битолско Поле. Селото е ридско на 660 м надморска височина. Од Битола е оддалечено 12 км. Максимален број жители достигнало во 1971 г. – 276 жители. Оттогаш интензивно е зафатено со емиграција, па во 2002 г. бројот паднал на 111 жители. Над 200 лица се иселиле во Битола, Скопје, прекуокеанските земји и Европа, а се доселило население од Мариовско.
Храмот во селото е посветен на Рождество на Пресвета Богородица (од 1830 г. на темели од постар храм, реновиран во 1926 г., како и во 1979 година). Во селото има манастир посветен на св. Петка, 1860 г. Ден на селото е Мала Богородица (21 септември).