Буково
Селото се наоѓа во јужниот дел на Општина Битола, на источните падини на планината Баба, на 5 км од Битола. Селото е ридско на 770 м надморска височина. Населбата го добила името по буковата шума со која била целосно завиткана. Буково изобилува со бистра планинска вода; низ него течат две реки, Стара Река и Киндарка, има 3 селски чешми и извори на сите страни. Селото е познато по производство на на вкусната буковска пиперка и црвена пипер.
Во непосредна близина на селото Буково се наоѓа археолошкото наоѓалиште на античкиот град Хераклеа, основан од Филип II Македонски.
Буково е голема населба којашто во 1961 г. броела 1 939 жители, а во 2002 година броела 976 жители. Во првата половина на дваесеттиот век и дел од втората, поголем дел од населението заминува на печалба, пред сѐ во Австралија, САД, Канада и европските земји. Моментално во дијаспората има преку 2 000 жители од Буково, меѓу кои најбројни на едно место се иселениците од Буково во Рочестер – САД, каде има преку 800 Буковци, кои имаат изградено и сопствена црква, па поради тоа градот популарно меѓу буковци се вика и “Bukovo City”.
Над с. Буково постои средновековен манастир Св. Сотир-Преображение, обновен е 1837г. врз старите темели. Сепак се смета дека е мошне стар, затоа што се споменува уште во 16-ти и 17-ти век.