Долно Оризари
Населбата се наоѓа во средишната зона на Битолското Поле, недалеку од Битола, во североисточен правец, на оддалеченост од 4 км. Најверодостојна легенда за името на оваа населба е дека на ова место се одгледувал ориз, а Долно Оризари бидејќи имало и друго село со слична функција кое се викало Горно Оризари.
Населбата е рамничарска, на 580 м надморска височина. Во неа работи основно деветгодишно училиште (подрачно училиште на ОУ „Даме Груев“ - Битола).
Со оглед на тоа дека селото е во близина на градот, тоа станало имиграционо место, така што има доселеници од над 50 села од Демир Хисар, Охридско и Мариово. Од селото има над 300 иселеници во САД, Австралија, Канада, Шведска, Германија и на други места во светот. Така во 1961 г. населбата броела 848 жители, а во 2008 г. бројот се зголеми на 2 025 жители.
Храм на селото е Св. Петка (подигнат на темели од 1860 г.).