Живојно
Името на селото потекнува од личното име Живан или Живуш за кој се смета дека на тоа место била населена неговата фамилија.
Населбата се наоѓа во југоисточниот дел на Битолското Поле од десната страна на Црна Река, а чиј атар се допира со државната граница со Грција. Селото е ридско на 708 м. надморска височина. Од Новаци е оддалечено 22 км., а од Битола 34 км. Атарот е ридесто земјиште и зафаќа површина од 29,8 км2.
Училиште за основно образование од 1 до 4 одделение на македонски јазик постои од декември 1944 година. Тоа постои и денес. Своето образование од 5 до 8 одделение учениците од Живојно го продолжуваат во Основното училиште во село Бач.
Според Турските пописни дефтери од 1468 година во Живојно живееле 86 христијански семејства. Во 1897 година биле регистрирани 130 семејства од кои според верската припадност 445 жители биле христијани, а 300 биле муслимани. Во 1953 година селото имаше 942 жители, во 1994 година имаше 288, а денес (2018) има помалку од 150 жители. Бројот на иселените се движи над 500 лица. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, прекуокеанските земји и Европа.
Во 1885 година христијаните изградиле храм посветен на Св. Вознесение Христово. Над селото се наоѓа и манастир Св. Илија изграден во поново време. Турците изградиле џамија. Времето на градба на џамијата не е познато. Таа сега е во руинирана состојба.
Ден на селото е Спасовден и Илинден.
Градиште е археолошки локалитет во битолското село Живојно. Локалитетот претставува населба од раноантичко, доцноантичко и среден век. Се наоѓа на 1,5 км. југоисточно од селото, на доминантниот рид Забрдо.
Во Народноослободителната војна 1941-45 година од Живојно учествувале повеќе борци.