Скочивир

        Селото се наоѓа во западниот дел на Мариово, источно од Битола. Се простира на брегот на Црна Река. Селото Скочивир се наоѓа на крајниот југоисточен дел на Битолското Поле на надморска височина од 600 метри. Од Битола е оддалечено 35 км., а од Новаци 24 км. Од селото Скочивир започнува живописната Скочивирска Клисура низ која во должина од 100 км. Црна Река го поминува својот пат до Тиквешкото Езеро, а потоа се влива во Вардар. Атарот на селото е многу голем и зафаќа вкупна површина од 90,5 км2. Најголемиот дел е покриен со шума и пасишта.

        Во близина на селото било проширено речното корито на Црна Река и вистински проблем било како да се прескокне вирот за да се стигне до селото или обратно. Се претпоставува дека името на селото Скочивир е тесно поврзана со оваа реалност од минатото и името на селото е изведено од зборовите скокни вир или скочи вир, па така се добило името Скочивир.

        Името на селото Скочивир се споменува уште во 1468 година во турските документи за историјата на македонскиот народ. Тогаш броело 11 христијански семејства и еден неженет со околу 56 жители.

        Како и многу други македонски села, така и Скочивир било зафатено од виорот на Првата и Втората светска војна. За време на Првата светска војна, особено во 1916 година се воделе крвави борби на овие простори. Според повеќе автори, на секој квадратен метар имало по еден мртов војник без разлика на која страна припаѓал.

        Во Народноослободителната војна во времето од 1941 до 1945 година од селото Скочивир учествувале повеќе борци.

        Жителите на село Скочивир се занимавале претежно со сточарство, земјоделство и риболов. Најбројни биле стадата со овци и кози и произведувале познато овчо сирење. На реката Коњарка биле изградени повеќе воденици каде се мелело житото на селаните од околните села.

        На само 2 км. оддалеченост од селото Скочивир, по течението на Црна Река, од десната страна на патот стои заградено место во кое се погребани еден дел од загинатите српски војници. На влезната врата стои натпис со следната содржина: „Српски воени гробишта 1912-1918“.

        Во селото Скочивир било изградено современо училиште за основно образование на учениците од 1 до 4 одделение. Наставата на македонски јазик започнала во учебната 1945-46 година. Прв учител на македонски јазик бил Борис Андоновски. По завршувањето на 4 одделение учениците своето образование го продолжувале во основното училиште во село Бач кое е оддалечено 10 км. Тие патувале пеш, секој ден, без разлика на временските услови. Подоцна бил обезбеден превоз, но поради немање на ученици училиштето во Скочивир било затворено.

        Од оваа населба се иселил значителен број од населението и таа од средна преминала во мала. Така во 1961 г. Скочивир броел 503 жители, за да во 2008 г. останат само 12 жители. Бројот на иселеници е над 300 лица. Најголем број од населението е иселено во Битола, прекуокеанските земји и Европа. Доколку би се вратиле бројот би се зголемил на над 500 жители.

        Во селото има црква посветена на Св. Петка (изградена 1860 г.) и манастир Св. Архангел Михаил (1967).

        Коњарка е излетничко место во близина на село Скочивир на 38 км. од Битола. Сместено покрај чистата Коњарска Река, чии што извори се наоѓат под Кајмакчалан, на надморска височина од 2.260 м. Неодамна излетничкото место Коњарка беше комплетно уредено од страна на Општина Новаци и денес тоа претставува една од најпопуларните локации за пикник на овој дел од Македонија.

        Во атарот на село Скочивир на планинскиот врв Кајмакчалан, на надморска височина од 2521 метар, во 1921 година е изградена црквата Св. Петар во чест на загинатите борци од Првата светска војна кои загинале на Македонскиот фронт во 1916 година. Над влезната врата на црквата стои запишано: На моите големи јунаци храбри и верни кои со своите гради ја отворија вратата на слободата и останаа овде како вечни стражари на прагот на татковината“. Подот е направен од бетон, а во средината се наоѓа крст направен од топовски гранати. Во составот на црковниот комплекс има Спомен –костурница која е вкопана во земјата, а над површината се издига околу 1 метар. Во неа се чуваат коски од загинатите војници на бојното поле за време на воените дејства.

        Во непосредна близина на Воената болница, (на 2 км. оддалеченост од врвот Кајмакчалан), се наоѓа спомен плоча на загинатите борци од Народноослободителната војна во времето од 1941 до 1945 г. Наведените борци загинале на овие простори во борбените операции за слободата на Македонија.

Цркви и Манастири

Св. Петка

Манастир Св. Архангел Михаил

        Според преданието манастирот Св. Архангел Михаил е основан во 1870 г. по иницијатива на младата Анѓа, на која и се сонило дека треба да преноќи во месноста Џајкова чука и тука да остави некој нишан. Со текот на годините на тоа место е изградено и мало манастирче посветено на светецот Архангел Михаил, до изворот за кој што мештаните веруваат дека е света лековита вода.

        Во 1967 г. од страна на месното население, започнато е со изградба на новиот дом на Св. Архангел Михаил нешто погоре од старото манастирче. Овој објект е реновиран во 1998 г. кога се изградени и конаците, едни од најубавите во овој регион.

Св. Лука & Св. Наум Охридски