Петалино
Село Петалино било мариовско село кое се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година со 17 семејства. (околу 96 жители). Наводно селото било петти посед на некој бег Алија кој имал во владеење 4 села а ова било петто. Од овој факт населбата била именувана како петти имот на Али, односно Петалино. Според друга претпоставка името на селото е изведено од антропонимот Петале.
Во 1914 година во селото регистрирани се само 29 жители, по Втората светска војна населбата е наполно раселена.
Селото било планинско на 950 м надморска височина. Атарот зафаќа простор од 7,7км2. Од Битола е оддалечено 45 км. Низ селото течи Петалинска река или Златица.
Од Петалино има преселено жители во Живојно, Битола, прекуокеанските земји и Европа.
Селото имало црква посветена на Св. Атанасиј Велики (Александриски). Подигнато во 1860 година на стари темели. Слава на селото била Св. Атанасиј – 15 мај. Втор храм бил Св. Димитриј (1880), кој од порано бил разурнат. Во атарот на селото се ловело дивеч, за жал повеќе од 60 години селото е наполно раселено и напуштено и целосно разрушено.