Градешница
Името на селото доаѓа од апелативот град, градец, укрепена населба, што дошло до денешното име Градешница. Се смета дека поимот Градешница означувал големо населено место и порано во однос на другите мариовски села била најнапредна и личела на град. Во времето на феудализмот градец ознашувала „тврдина, крепост“. Градешница била многу развиена населба со застапеност на занаети. Позната е и како родното место на популарниот итрец Итар Пејо.
Една легенда вели дека селото се создало со доселување на граѓаните од Пешта која се наоѓала на 1100 м. надморска височина на еден рид во непосредна близина на селото, каде има остатоци од градби од римско време. Друга легендата говори дека жителите на село Лешче се стопиле со жителите од село Градешница.
Населбата се наоѓа во крајниот источен дел на територијата на Општина Новаци. Селото е ридско на 855 м. надморска височина. Ова село е едно од најпериферните во однос на град Битола кое е оддалечено дури 55 км., а 44 км. од Новаци. Атарот е мошне голем и зафаќа површина од 84,3 км2. Низ селото тече Градешничка Река, која извира на планината Ниџе.
Не се знае кога точно настанало селото, но според археолошките наоди може да се утврди дека на ова место постоел континуитет на живеење дури од праисторија. Доказ за ова е керамиката декорирана со спирали вградена во црквата Св. Ѓорѓи, во горниот дел на селото.
Постоењето на Римската тврдина Пешта, како доминантна стратешка позиција во овој регион, резултирало со изградба на резиденцијални вили во село Градешница, во близина на денешниот т.н. „Темнички Вир“. Според Д-р Бранислав Ристевски од Институтот за Старословенска Култура во Прилеп, на местото на денешните цркви Св. Андонија, Св. Ѓорѓи и Св. Спас, постоел комплекс на римски вили во периодот од средината на 2 до крајот на 3 век.
Градешница во 18 и 19 век имала 7 цркви и 3 манастири од кои денес во добра состојба се зачувани 4 цркви и 2 манастири. Село Градешница е познато како село со богата Христијанска традиција.
Ова село било доста познато по високиот наталитет па затоа не чуди фактот што Градешница отсекогаш било најбројното од сите мариовски села. Меѓутоа ниту Градешница не беше заобиколена од масовното иселување на од мариовскиот крај во втората половина на 20 век.
Во 1900 година населбата имала максимален број од 1170 жители. Во 1953 селото броело 1085 жители кога од средината на шеесеттите години започнува интензивно иселување на голем број од населението па така од голема преминала во мала населба. Според пописот од 2002 година бројот на население бил 89 жители, а во 2008 имаше само 38 жители сите во одминати години. Најголем дел од населението се иселило во Битола, Скопје, Европа и прекуокеанските земји.
Може да се каже дека природата била навистина дарежлива во ова мариовско село, кое со својата еколошки чиста околина надалеку е познато по производите како што се Мариовското јагне, Биеното сирење и Мариовскиот мед.
Во селото е изграден и споменик посветен на паднатите борци од НОБ.
Цркви и Манастири
Св. Никола
Во центарот на село Градешница се наоѓа црквата Св. Никола, која е најголема од седумте цркви кои се наоѓаат во ова село. Над влезот во црквата стои дека истата е обновена во 1863 година, но од кога истата постои и дали на тоа место постоела друга помала црква, се уште не е познато.
За време на Првата светска војна, црквата ја претрпела судбината како и на сите останати куќи во селото, кога материјалот од истата, бил употребен како потпорен материјал во рововите. Црквата била поправена во 1923 година и фреските биле обновени во 1927 година од страна на Коста Николиќ со неговите синови Јаким и Теодосија, по потекло од Лазарополе. Црквата била осветена истата година.
Неодамна, покривот и тремот на црквата се обновени од страна на месното население.
Св. Димитриј
При влезот на селото се наоѓа средновековната црква позната кај народот како Св. Димитриј. Црквата потекнува од 14 век. Фрескописот на црквата некои го датираат од крајот на 14 и почетокот на 15 век, но истражувањата на други автори дел од фрескоживописот и ѕиданиот иконостас го датираат во почетокот на 16 век. Таа е една од најстарите во битолскиот регион. Градена е од камен и малтер, а покривот од камени плочи.
Посебно место во црквата зазема иконостасот. Иконостасот на црквата спаѓа во типот на изѕидани кои најрано се појавуваат во 13 век на териториите под византиска доминација. За време на Првата светска војна, преку покривот во црквата паднала артилериска граната, но не експлодирала.
Манастир Св. Илија - Брен
На 1 и 2 Август овој Манастир го посетуваат неколку илјади гости од цело Мариово кога е и слава на с. Градешница. До манастирот има извор, познат по бистрата и лековита вода.
Св. Атанас
Црквата Св. Атанас е изградена во осумдесеттите години на 20 век. До неодамна беше во лоша состојба. Во 2011/2012 црквата е препокриена и заштитена од страна на Општина Новаци.
Св. Ѓорѓи
На местото на денешните цркви Св. Ѓорѓи, Св. Андонија и Св. Спас, постоел комплекс на римски вили во периодот од средината на 2 до крајот на 3 век.
Керамика декорирана со спирали, вградена во фасадата на црквата Св. Ѓорѓи – сведок за континуитет на живеење во село Градешница од праисторија.
Св. Спас
Делот на местото на црквата Св. Спас (над Темничкиот Вир) имал производен карактер и во вдлабените делови од карпите кои јасно се гледаат и денес се произведувало вино.
Св. Андонија
Во 4 век, вилата која се наоѓала на местото на црквата Св. Андонија, била трансформирана во ранохристијанска црква, остатоци кои можат да се забележат и денес. Постоечката црква Св. Андонија е изградена во осумдесеттите години на минатиот век.