Чебрен
Чебренскиот манастир претставува македонски православен манастирски комплекс лоциран по течението на Црна Река, во атарот на историското село Чебрен во срцето на Мариово. До него се стигнува доколку се тргне по патот кој води до селото Зовиќ. Манастирот бил доста познат по своето училиште и богатата библиотека.
Чебрен е место во Мариово со богато историско минато. Атарот на Чебрен, денес потпаѓа под селото Зовиќ, односно Oпштина Новаци.
Поволната стратешка позиција на манастирскиот комплекс и фактот што во Мариово за време на турското владеење немало исламизација на населението, го направиле овој комплекс еден од најбогатите во Македонија. Истото може да се забележи и преку темелите на старата црква Св. Димитрија, на основ на кои може да се претпостави големината на овој храм. Во своја сопственост манастирот имал воденици со 12 воденички камења, многу стока, овци, кози, крупен добиток, ниви, ливади, големи површини со шуми и пасишта. Од пишаните документи се дознава дека манастирот во 19 век имал и свое ќелијно училиште на старословенски јазик. Во ова училиште се подготвувале свештеници и учители за другите мариовски села. Оваа слава на манастирот целосно е запечатена за време на Првата светска војна, кога целиот комплекс бил разрушен. Иконостасот кој датира од 15 век бил реновиран во 19 век.
Според пишаните извори, градот на локалитетот „Чебрен“ во средниот век се викал Чемрен. Градот Чемрен, според историските податоци, сè до 1331 -34 година, кога бил освоен од царот Душан, се наоѓал во рамките на Византиското царство. Со доаѓањето на Турците градот престанал да егзистира, а на неговото место останало мало селце со манастирот „Св. Димитрија“ познат и денес како „Чебрен“.
Локалитетот „Град, Чебрен” лежи на еден издвоен вулкански куп или тумба во кањонот на реката Црна (Еригон во античко време), како и на просторот ниско крај реката јужно од тумбата некаде околу 140 м високо над самата река, недалеку и северозападно од селото Зовиќ. На овој простор се уште може да се видат античките, остатоците на средновековниот манастир и на раселеното селце Чебрен
Денес иако целиот компекс е запуштен, сепак се прават напори за негово повтоарно заживување и враќање на монашкиот живот. Секоја година за празникот посветен на Свети Ѓоргија, Ѓурѓовден, се собираат повеќе стотици луѓе да го празнуваат. Покрај жители од Мариово, кои имаат потекло од мариовските села, доаѓаат и голем број на гости од другите краеви на Македонија. Манастирскиот комплекс располага со конаци со капацитет од 12 легла, гостинска соба и кујна, а осветлувањето е со агрегат. Во согласност со црковниот одбор на с. Зовиќ, можни се организирани ноќевања. Сепак со изградбата на вештачката акумулација Чебрен, овој комплекс може да се најде и под вода.
Во 1923 година Георги Трајчев во својот труд за Мариово се осврнува на легендата за Чебренскиот манастир во која се вели дека го изградила жената на султанот Мурат I (1362 - 1389), сестра на бугарскиот цар Шошман Марија, по која и областа го добива името. Според ова предание таа живеела неколку години под името Талат-Мара и уште Тамара-Мара и јавно ја исповедала христијанската вера, а ги воспитувала и своите деца во христијански дух. Поради тоа, незадоволното муслиманско свештенство, кое не можело да гледа како Султанката ги посетува црквите и јавно ги прибира во султанската палата свештенството за таму да се вршат христијански обреди побарало Мара да ја прифати муслимански вера, но таа, категорично одбила да се потурчи. Султанот поради политички причини морал да ја острани, но бидејќи не сакал да и нанесе зло и понудил да се повлече некаде, каде не ќе може да го гледа ниту него, ниту 4 годишниот син. Мара се согласила и ја добила областа меѓу Прилеп, Битола, Воден и Демир Капија, која била во владение на Султанот. Мурат ја снабдил со потребниот ферман и ја испратил во оваа област во придружба на 500 христијански телохранители.
По доаѓањето во Прилеп, Марија побарала да се покалуѓери во Прилепскиот манастир Св. Богородица – Трескавец, но калуѓерите одбиле сметајќи ја како престапница. Лута поради одбивањето, Мара наредила калуѓерите да се убијат, а манастирот да се опожари. Потем Мара го избира за седиште најубавото село Витолишта, каде подигнала прекрасни дворци, а покрај реката Црна изгради нов манастир, по име Чебренски - Св. Димитриј. Од тогаш таа област го добила името Мариово, а локалното население се именува како Мариовец, Мариовци.
Цркви и Манастири
Св. Димитриј
Главната манастирска црква е посветена на Св. Димитриј. Во минатото таа била доста богата и грандиозна црква во комплексот. Денес таа е обновена, но во помали димензии. Нејзиниот иконостас датира од 15 век, а бил реновиран во 19 век.
Манастирот во своето повеќевековно постоење бил повеќе пати обновуван заради честите опожарувања, грабежи и разрушувања. Постои податок дека за време на Првата светска војна биле срушени четири објекти кои веројатно биле конаци, една плевна, казанџилница, четири амбари, две воденици, како и црквата Свети Спас.
Денес од комплексот на манастирот е сочувано многу малку. Од првобитната црква, односно од трибродната базилика сочувана е централната длабока апсида која била обновена над рановизантиската во 14 век со димензии од 2,40 м. и дел од источниот ѕид.
Обновениот храм е со помали димензии и денес се уште можат да се видат темелите на стариот храм, според кои може да се заклучи дека истиот бил со импресивна димензија.
Св. Спас
Црквата „Вознесение Христово“ попозната како „Св. Спас“ се наоѓа во близина на комплексот и е со помали димензии.
Теренот врз кој е изградена црквата претежно е карпест. Таа е мала еднокорабна црква со полукружна апсида на исток. Градена е од обичен речен камен со варов малтер. Внатрешноста е поделена со дрвена олтарна преграда на два дела. Сите четири ѕидови и олтарниот простор се живописани во фреско техника. Според досегашните сознанија и стручната литература фреските датираат од 16 век. Нивната сочувана површина изнесува околу 40 м².
Црквичката е многу малку проучувана во минатото, но според сликарството датира од крајот на 15 и првите децении на 16 век.