Брник

        Името на селото потекнува од конфигурацијата на теренот, односно од опколеноста на населбата со ридови. За името на селото постои и легенда во која се вели дека пред векови некој човек имал три сина кој своите стада овци и кози ги паселе на денешните локации на селата Маково, Рапеш и Брник. Тој што ги пасел овците на локацијата на денешно Маково бил на голема мака па од таму Маково. Другиот Рајат-Раат немал проблеми па затоа местото го нарекле Рајат па подоцна од тоа произлегло името Рапеш, и третиот брат имал многу кози со брни под брадата, па од тоа произлегло името Брник. Прв податок за селото среќаваме во турски пописен дефтер од 1568 година.

        Населбата се наоѓа во Битолскиот дел на областа Мариово, на источната падина на Селечка Планина од левата страна на Црна Река. Селото е планинско на 860 м. надморска височина. Од Новаци е оддалечено 28 км., а од Битола 40 км. Атарот зафаќа простор од 15,1 км2. и има планинско ридски карактер. 

        Оддалеченоста од сообраќајните комуникации и скриеноста во планински предел имале пресуден одраз во историскиот развиток на селото.

        Во Брник се добива впечаток како да е средновековие, како да застанало времето на историјата. Меѓутоа, селото Брник има и свои убавини: здрава, еколошка и чиста околина, планински чист воздух, пространи тревнати пасишта (за жал целосно неискористени), дабова шума со разновидни шумски плодови, печурки и погодни услови за лов на диви животни.

        До селото се стигнува по патот за село Новаци, преку селата Маково и Рапеш. Населбата е мала, до неа води макадамски пат, село без никаква инфраструктура (има само една чешма изградена во 1942 година. Народот смета дека е исцелителна од разни болести и е позната како Света Неделска Вода).

        Училиштето е градено во 1952/53 година и се викаше “Петар Делјан”, а пред неговата изградба наставата се одвиваше во приватна куќа која одамна не постои. Денешните постари брничани се сеќаваат на учителите кои предаваа во нивното село: Коста Дардибаков – Бугарин по потекло во годините до 1947 година, а потоа Саво Ковачевски, Раде Љутовски, Милица Колева, Атанас од с. Цапари, Љубе Ѕинговски и како последен учител кога и училиштето било затворено беше Ванчо Соклевски. Бројот на ученици се движеше од 25-30, од прво до четврто одделение. По кажување на Тоде Спасевски деца во училиштето имаше до 1976 година. После завршувањето на 4 одделение децата пешачеа по 6км во правец за да стигнат на настава во училиштето во село Маково.

        Во училишниот објект живееше последниот жител на селото Брник, Бино Стојановски. Бино имаше 94 години и до последно беше на нога и чуваше кози. (Прво чувал овци, па потоа кози). Бино неколку месеци живееше во стан во Битола. Но после краткиот престојот се вратил пак во Брник и рекол: овде водата и воздухот е лек за душата. Иако сам тој не беше сам. Секоја недела го посетуваа добронамерници и соселани кои често доаѓаа во родниот крај. Бино почина во 2015 година.

        Во 1900 година селото броело 196 жители, додека пак најголем број жители имало во 1948 година – 365. Одтогаш до денес поради миграциони процеси бројот на жители во селото се намалува од 215 (1961 година), 30 (1980 година), 8 жители во (1994 година), на само два жители во 2002 година. Најголем број од брничани се доселиле во Битола, битолските села но и во Австралија. Отсекогаш населбата била населена само со Македонци.

        Тоде Спасевски до 1974 живееше во Брник.  Потоа е преселен во Битола.

        Во непосредна близина на Црна Река , на околу 30 минути пешачење од Рапешки Мост во недопрената природа се наоѓа Брничкиот водопад. Водопадот претставува реткост во овие краишта што ги надополнува природните убавини на Мариово.  Водата слободно паѓа од 18м височина.

        Во минатото месното население се занимавало со производство на жито, за што зборуваат и остатоците од воденици.  Воденицата пред водопадот на Брничка Река, била воденица за мелење на жито , која била употребувана од жителите на околните села Маково, Рапеш, Брник и Орле, затоа што во летниот период овие села немале вода.  За жал денес се останати само остатоците од таа воденица.  Исто така постојат и остатоци од доводниот канал за воденицата на Црна Река.

Цркви и Манастири

Св. Димитрија

        Храм на селото е Св. Димитриј изграден 1887 година што е забележано на влезната врата. Под годината на градбата во полукруг околу ликот на светецот Свети Димитрија има колоритен напис. Од она што може да се прочита e: Митре Трпковиќ со синовите Трпко и Ристе иконописец, Косто Никлиќ из Лазаропоља 1927 година.

        Денешните брничани не паметат да имале свој брнички поп. Меѓутоа последен кој служел во селото бил поп Веле од село Црничани.

        Црквата е добро сочувана, вредните брничани ја реновираа во 2002 година. Поради немање кому да служи ставен е катанец за век и веков, освен за се уште живите таму родени брничани кои повремено навраќаат, понесени од носталгијата за родното огниште.