Маково
Тоа е првото мариовско село, после преслапот (преминот) кој претставува влезна порта на јужно Мариово. Веднаш по преслапот во Маковската котлина е сместено селото Маково. Легендата за името на оваа населба кажува дека името го добило по првиот жител, некојси Маке или Мако.
Населбата се наоѓа на крајниот дел на Битолско Поле, лоцирана речиси на сртот на Селечка Планина, и во северозападниот дел на територијата на Општина Новаци. Селото е ридско на 720 м. надморска височина. До него денес е изграден добар асфалтен пат. Од Новаци е оддалечено 18 км., а од Битола 29 км.
Маково било средно по големина село, но по пат на емиграција преминало во мала населба. Така во 1961 г. имала максимум 515 жители. А во 2008 г. - 50 жители. Бројот на иселени од Маково е над 400 жители. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, прекуокеанските земји и Европа.
Храмот Собор на Св. Архангел Михаил е изграден во 1860 г. срушен за време на Првата светска војна и обновен во 1926 г. под името Св. Воскресение. Реновиран е во 1997 г. Слава на селото е Велигден и Св. Петка.
Манастирот Св.Петка е подигнат и осветен во 2002 година.
Во 2008 г. селото имаше 50 жители. Денес (2018) има помалку од 10 постојани жители.