Горно Агларци

        Населбата си го добила името по фактот што тоа било чифлигарско село на некој си Aга, па затоа околните жители го викале агларци.

        Селото се наоѓа речиси во средишниот дел на Битолското Поле од левата страна на Црна Река и припаѓа на северниот дел од Општина Новаци. Населбата е рамничарска на 588 м. надморска височина. Од Новаци е оддалечено 5 км., а од Битола 17 км. Основното училиште до 5 одделение е заедничко за Горно и Долно Агларци. Во него учат околу 10 деца.

        Селото за прв пат се спомнува во 16 век (податок од турските дефтери), каде се среќава под името Лаглар и во кое живееле девет фамилии кои имале свој имот поделен на девет чифлици и сите биле Турци. Подоцна се среќава првиот арнаутин Македонец по име Стојан, односно тој бил прв чорбаџија во селото. Во тие времиња кај нив работеле Македонци како момоци во чувањето на стока на турските чорбаџии. Потоа селото се среќава како Агаларце за најпосле при крајот на 18 век да се сретне како Агларце. Веројатно при делењето на имотот некои останале понаисток при што се формирало селото Горно Агларци, а некои отишле кон запад при што го формирале селото Долно Агларци.

        Во 1961 г. селото броело максимум 437 жители и било средно по големина, но во 2002 г. бројот се намалил на 185 жители. Бројот на емигрирано население изнесувал над 200 лица. Најголем број од населението е иселено во Битола, Скопје, прекуокеанските земји и Европа.

        Денес, (2019 година) селото брои околу 200 жители.

        Црквата Св. Петар и Павле е заедничка за Горно и Долно Агларци. Слава на селото е Павловден.

Цркви и Манастири

Св. Петар и Павле